Стојкова Серафимовска: Рециклирана влада- ниту еден нов министер кој ќе дојде нема да подобри ништо, работата ќе оди само надоле

На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска. Таа во однос на разрешувањето на министерот за здравство истакна дека покрај тоа што се менуваат министрите, стратегијата на Владата која ја има не се менува.

„Неколку пати ги менувате постојано министрите и добиваме како рециклирана Влада а не свежа некоја Влада затоа што истите правци ги тера оваа Влада и нема никаква промена во она што сте го зацртале. Тоа што сте го зацртале се рефлектира многу лошо по граѓаните на Република Македонија и на едно национално ниво ние имаме една многу лоша ментална состојба“, рече Стојкова Серафимовска.

Таа додаде дека има навистина поразителни резултати и за тоа говорат статистиките.

„Статистички ние изминатите годни гледаме дека Македонија е на дното во Европа по среќа, луѓето воопшто не се среќни и ние сме најнесреќната држава во Европа. Ако се гледа во однос на психичката состојба имаме страшно зголемен број на депресивни луѓе во државата, уште по страшно е што таа депресија се рефлектира многу кај младите“, рече Стојкова Серафимовска.

Стојкова Серафимовска истакна дека ниту еден ново назначен министер кој ќе дојде не подобрува ништо.

„Ниту еден ново назначен министер кој што ќе дојде не подобрува ништо туку работата оди само надоле, следат вака една траекторија поставена од оваа Влада поставена од СДСМ и ДУИ која оди само надоле. Не знам зошто Алијанса на Албанците се приклучува на нешто што оди надоле, бидејќи оваа траекторија е надолна“ посочи Стојкова Серафимовска.

Таа вели дека со промената на министер за здравство ништо нема да се смени се додека нема промена во менталниот склоп.

„Немаме здрава нација, немаме здрави млади кои ќе придонесат нешто за државата, едноставно немаме ништо здраво и се почна да трули. Најдепресивна држава во Европа, најголем број на самоубиства изминатите неколку месеци имаме. Иако се менува министер за здравство тоа ништо нема да смени се додека не се промени менталниот склоп“, кажа Стојкова Серафимовска.

16.02.2023 - 16:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега