Навремено и флексибилно приспособување кон тековните економски движења и потребите на граѓаните, општините и реалниот сектор – вака владејачката структура го карактеризира новиот економски документ чии детали денеска беа презентирани во јавноста. Од владејачката партија истакнуваат дека актуелниот ребаланс на Буџетот за 2026 година не претставува документ на паника, туку мерка насочена кон одржување на економскиот развој.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во своето обраќање нагласи дека приходите се зголемуваат систематски, креирајќи нова вредност преку реални економски показатели наместо врз основа на неодржливи очекувања.

Тој посочи каде се прават најзначајните кратења, а каде се пренасочуваат средствата за постигнување максимален општествен ефект.

Стојаноски детално ги презентираше новите фискални параметри и зголемувањето на буџетските рамки:

„Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8 проценти. Да, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но клучно прашање не е само колкав е дефицитот, туку за што се користи дополнителниот фискален простор. Одговорот е многу јасен.“

Фокус врз развојните потпрограми и капиталните расходи

Водејќи се од ставот дека секоја дополнителна финансиска инјекција мора да има јасна цел, од владејачката партија појаснуваат дека фокусот е ставен на изградба на инфраструктура која носи долгорочна вредност за целата држава.

Осврнувајќи се на конкретните проекти што ќе се финансираат, пратеникот подвлече за што точно ќе се искористат овие средства:

„Капиталните расходи се зголемуваат за 5 милијарди и 814 милиони денари, односно за 14,5 проценти. Развојните потпрограми растат за 4 милијарди и 215 милиони денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари. Тоа се средства за патишта, железница, водоводи, канализации, училишта, здравствени објекти, животна средина и локална инфраструктура. Тоа се инвестиции што создаваат работа денес, а вредност за граѓаните во годините што следуваат.“

Целосна слика наместо манипулација со изолирани бројки

Реагирајќи на дел од јавните и опозициските критики кои се фокусираат исклучиво на дефицитот, од партијата порачуваат дека е неопходно анализирање на целата структура на расходите и придобивките за граѓаните.

На крајот од презентацијата на економските мерки, Стојаноски упати порака за суштината на овој буџетски ребаланс:

„Затоа, кога опозицијата ќе зборува само за една бројка, ние ќе зборуваме за целата слика. Ќе зборуваме за структурата на расходите, за проектите и за придобивките кои што треба да ги почувствуваат граѓаните. Овој Ребаланс треба да се оценува не само според тоа колкав е дефицитот, туку според тоа што ќе се изгради и што ќе се подобри со нив. Тоа е разликата помеѓу непродуктивна потрошувачка и развојна политика.“

Exit mobile version