Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати барањето за одржување на седница на Постојаната анкетна комисија, но инсистира на промена на терминот бидејќи тој се поклопува со собраниската седница за Буџетот.
Пратеникот Бојан Стојаноски истакна дека сите повикани треба да бидат консултирани за датумот, нагласувајќи ја важноста на донесувањето на државниот буџет.
„Ние ќе го прифатиме ова барање, но сметаме дека сите оние кои што тој ги повикува да бидат присутни, треба да бидат исконсултирани за термин, бидејќи не сметаме дека оваа комисија треба да биде одржана на ист ден кога е и собраниската седница за расправа на буџетот. Многу е важно буџетот да биде донесен, бидејќи во наредната година тој е документот кој што обезбедува функционалност на државата, исплата на плати, исплата на пензии и сите оние работи кои што општеството треба да ги прибави од буџетот“, рече тој.
Стојаноски упати и остри критики кон претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, обвинувајќи го за политичко калкулирање.
„Суштината на таа комисија да биде свикана е пратено писмено барање, во случајов до Димитар Апасиев како претседател на таа комисија. Важно е да нагласиме дека тоа барање до него е стигнато на 15.07. Зошто чекал 5 месеци да ја закажа оваа комисија, тоа е прашање која што треба да му се постави на него. Ние кажавме дека од ова нема да правиме политика, но очигледна е намерата некрофилски политички да поентира. Негов е ставот што избрал да биде талог на општеството“, додаде Стојаноски.

