Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, во гостувањето на телевизија Алфа во емисијата ,,За или против“, се осврна на темата за оставките од страна на раководството на СДС, за што кажа дека морален и одговорен чин би било и претседателот на партијата да си поднесе оставка. Како што вели таа, не очекува да се промени нешто, под водство на Венко Филипче, се додека остануваат истите луѓе со иста матрица од претходно.
Исто така Стојаноска додаде дека, потребна е поразборита опозиција, особено во Собранието, а не опозиција која што само собира политички поени, бидејќи токму поради тоа, сите прогнози им паднаа во вода на локалните избори.
,,Сметам дека првпат се случува вакво нешто во историјата на постоењето на СДС. Веќе имаше реакции од некои постари и поискусни членови, но не сум изненадена бидејќи навистина се случуваа доста преседани, во време додека Венко Филипче ја води оваа партија“, рече Стојаноска.
Според неа, морален чин би бил и претседателот на опозициската СДС да си поднесе оставка.
,,Сметам дека морален чин е и тој да си поднесеше оставка, особено после поразот на локалните избори. Но ќе следиме, ќе видиме, со што уште би можеле да не изненадат како СДС под раководство на Венко Филипче“, истакна Стојаноска.
Стојаноска посочи дека се очекуваат некои политички изненадувања, меѓутоа, како што вели таа, не очекува нешто навистина да се промени доколку истите луѓе останат во партијата со истата матрица од претходно.
,,Не би очекувала нешто навистина да се случи, некој пресврт, па да навистина добиеме во државава, па зошто да не и во парламентот поинаква опозиција, поразборита, опозиција што ќе се труди навистина да биде наш коректив и да се натпреваруваме во подобри предлози. А, не да се повторуваме со некои предлози само за да се соберат политички поени“, кажа Стојаноска и додаде:
,,А политички поени веќе се покажаа на последниве локални избори и сите прогнози им паднаа во вода. Тоа беше една најдобра историска победа на локални избори за ВМРО-ДПМНЕ. Се додека сами не размислат дека време е да променат многу повеќе од овие оставки, со оглед на составот во парламентот“.

