Стоилковски објави владин документ: СДСМ и ДУИ планираат рестрикции на струја

Во рака држам владин документ којшто покажува дека состојбата со енергетската и финансиската криза е катастрофална и е далеку од справување и надминување на состојбите - изјави денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„За разлика од лажните тонови за смирување од СДСМ/ДУИ, овој документ, наречен „План за мерки и активности за функционирање на МВР во услови на постоење на кризна состојба предизвикана од недостаток на електрична енергија“, стои дека цитирам:

„Недостатокот од електрична енергија и порастот на цената на електрична енергија на пазарот, ќе предизвика реални безбедносни предизвици кои што може да рефлектираат и економски, социјални и безбедносни појави со негативни последици.“ Во документот се користат термини како „нов енергетски и економски шок“.

Почитувани

Овој план со којшто е опфатен делокругот на полицијата и безбедноста во услови на енергетска криза и рестрикции, е документ од 16-ти ноември за функционирање, цитирам, „Во услови на енергетски колапс и рестрикции“. И документ веќе во сила којшто предвидува: - „Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ЗАСИЛЕНО ЌЕ ГИ СЛЕДИ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ заради откривање на лица кои поттикнуваат или повикуваат на нарушување на јавен ред и мир и вршење на други кривични дела“.

Во безбедносната проценка на состојбата, меѓу другото се наведува дека во случај на енергетски колапс и рестрикции на струја се очекува пораст на криминалот, но и нарушување на јавниот ред и мир.

Да сублимирам, со овој документ власта на СДСМ/ДУИ признава катастрофа во енергетската состојба, признава дека нема решение и дека се подготвува за најлошото - рестрикции и цена на струјата која што ќе предизвика нарушување на јавен ред и мир, дека се можни безбедносни предизвици, па се воведува документ за посебен режим на полицијата и следење на социјални мрежи и спречување на организирање на протести или други реакции за поскапувањето и рестрикциите на струјата

Почитувани,

СДСМ/ДУИ ја колабираа македонската економија, граѓаните ги изложија на здравствен, економски и енергетски колапс, а овој документ тоа го докажува. Ова е нивно признание.

СДСМ/ДУИ се извор на оваа состојба, заради нивно незнаење, неработење и лукративност и не може СДСМ/ДУИ да бидат дел од решението на овие состојби. СДСМ/ДУИ го имаат изгубено легитимитетот за водење на државата. Што поскоро се организираат избори, што поскоро се смени власта тоа побрзо Македонија ќе почне процес на излегување од кризите.“ - изјави Стоилковски.

29.11.2021 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега