Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, упати честитка до сите граѓани кои го празнуваат Петковден, посакувајќи им добро здравје, мир, среќа и благосостојба во нивните домови.
-За многу години Св. Петка, Петковден! На овој голем христијански празник, нека молитвите на Света Петка донесат здравје, мир и благослов во секој дом, утеха за секоја болка и надеж во секое срце.
Нека верата ни дава сила во тешките мигови, а љубовта кон ближните нè потсетува да бидеме похумани, да подадеме рака и да бидеме потпора едни на други.
На сите што денес слават домашна слава им посакувам многу здравје, семејна среќа и години исполнети со радост и благосостојба.
Нека ни е за многу години празникот и нека Света Петка нè чува нас и нашите семејства!, напиша тој на Фејсбук.
Инаку, православните верници денеска, на 27 октомври, го празнуваат Петковден, посветен на преподобната Параскева Епиватска, позната во народот како Света Петка. Таа е една од најпочитуваните светителки кај македонскиот народ, а празникот традиционално се поврзува со молитви за здравје, семејна благосостојба и заштита од несреќи.
Според црковното предание, Света Петка била родена во Епиват, место во близина на Цариград, во побожно христијанско семејство. Уште од младоста покажувала интерес за духовниот живот, а по смртта на родителите го напуштила домот и заминала во Јорданската пустина, каде што живеела во молитва, пост и скромност.
Во староста, според житието, добила порака да се врати во родниот крај, каде што починала. По нејзината смрт, нејзините мошти станале предмет на особена почит и низ вековите биле пренесувани на повеќе места. Денес се чуваат во градот Јаш, во Романија.
Во народното верување, Света Петка се смета за заштитничка на болните, немоќните и луѓето што бараат помош преку молитва.

