Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, учествуваше на тркалезна маса организирана од УНДП Македонија по повод 15 септември – Денот на демократијата, посветена на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во демократските процеси.
Како што истакна тој, посебна чест е што Општина Гази Баба била поканета како една од најтранспарентните општини во Скопје, што претставува потврда за досегашната работа.
„Општината не е зграда, администрација или функција – општината се граѓаните. Затоа ги вративме во функција месните и урбаните заедници, како вистински механизам преку кој ги слушаме потребите на граѓаните од секое маало и населба“, порача Стефковски.
Тој потсети дека во Општината се воведени отворени финансии, граѓански буџет, годишен отчет пред граѓаните и директни преноси од седниците на Советот, со цел целосна отвореност кон јавноста. Според него, транспарентноста започнува со политичка волја, а граѓаните се најважен партнер во управувањето.


