Продажбата на фамозното службено возило „ауди А6“, која требаше да се случи на 16-ти овој месец преку јавна аукција, е привремено стопирана. Како што информираат од Општина Струга, причината е извршна постапка за стар долг кој го блокираше целиот процес.
Средствата од продажбата на луксузниот автомобил беа планирани за набавка на ново комбе, кое би било ставено на располагање на локалните спортски клубови и Центарот за деца со посебни потреби.
Долгот двојно пораснал поради камати
Од Општина Струга појаснуваат дека пречката доаѓа од нерасчистени финансиски обврски од минатото, кои сега значително го оптоваруваат буџетот.
„Реализацијата на оваа одлука е попречена поради извршна постапка поврзана со долг наследен од 2016 година во вредност од околу 1,4 милиони денари. Поради каматите и пресметките што се вршат од 2018 година, овој долг во моментот изнесува околу три милиони денари“, соопштија од Општината.
Актуелниот градоначалник, Менди Ќура, веќе е во активна комуникација со сите засегнати страни. Целта е да се изнајде решение со кое процесот ќе заврши во интерес на граѓаните и ќе се овозможи набавката на ветеното комбе.
Наследството на Мерко
Овој случај е само уште еден индикатор за тешката финансиска состојба во која се наоѓа Општината. „Аудито А6“ стана симбол на контроверзии уште при неговото купување за сума од 67.000 евра во времето на претходниот градоначалник Рамиз Мерко.
Иако набавката се случи во период кога општинската сметка беше блокирана, што предизвика силни реакции во јавноста и судски спор, Судот во Струга донесе одлука дека нема вина кај Мерко за купувањето на луксузното возило. Сепак, сегашната администрација се соочува со последиците од тој период, додека „аудито“ наместо на лицитација, останува „заробено“ во извршни фиоки.

