ССКЛ ќе штрајкува со затворање на воздушниот простор ако не биде разрешено раководството во М-НАВ
Синдикатот на контролорите на летање од среда најавува штрајк и затворање на македонското небо доколку на седницата во вторник Владата не го разреши раководството на оваа државна институција. На состанокот кој синдикатот го одржал вчера доцна вечерта било договорено да се побара од полицијата да го обезбедува објектот за да се гарантира безбедноста на контролорите на летање откако вчера, поголема група упадна во оваа институција и физички нападна еден од вработените.
Синдикатот бара одговорност и од вработените во МНАВ кој им помогнале на напаѓачите и им ги отвориле вратите.
По бурните реакции од јавноста, вчера МВР испрати соопштение дека во полициска станица биле повикани 4 лица поврзани со нападот, а по уште толку се уште се трага. Најавија дека од денеска полицијата ќе ги обезбедува објектот на контрола на летање.
Со соопштение се јави и кабинетот на Ковачевски. Од таму велат дека премиерот по консултација со министерката за одбрана и министерот за транспорт и врски решил на следната Владина седница да предложи разрешување на раководството на навигација. Во ДУИ молк на оваа тема. Партијата вчера беше фокусирана на прославата на роденденот на Ахмети па до овој момент никој нема излезено со став. Од опозициската партија велат дека вчерашниот инцидент е ескалација на процесот на партизација на институциите, обвинувајќи ги СДСМ и ДУИ дека се подготвени да применат и насилство кога станува збор за вработувања на партиски кадри во институции каде што платите се неколку пати над просекот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа