Полската Агенција за внатрешна безбедност (АБВ) уапси 17-годишен малолетник под сомнение дека подготвувал терористички напад со цел да усмрти поголем број луѓе. Според информациите од полското Национално обвинителство, меѓу потенцијалните цели на нападот биле планирани училиште и џамија.
Осомничениот, идентификуван како Павел Г., бил приведен на 18 септември во рамките на координирана акција на безбедносните служби и обвинителството. Тој се соочува со сериозни обвиненија за учество во организирана криминална група чија цел била извршување терористички дела, ширење фашистичка и нацистичка пропаганда, како и поттикнување омраза врз национална, етничка, расна и верска основа. Најтешкото обвинение се однесува на непосредни подготовки за убиство на повеќе лица во терористички акт.
Пронајдени ладно оружје и фашистички обележја
При претресот во домот на тинејџерот, истражителите пронајдоле ножеви, бајонет за автоматска пушка, како и книги, ознаки и други предмети со фашистички симболи. Покрај тоа, одземени се и електронски уреди и носачи на податоци.
„Анализата на податоците откри преписки поврзани со планирање масовни напади, вклучително и напад врз училиште и џамија“, изјави портпаролот на полското Национално обвинителство, Пшемислав Новак.
Според досегашната истрага, осомничениот разменувал пораки со други лица за можни начини на извршување на нападите, набавка на огнено оружје, муниција и воена опрема, а во комуникацијата биле споменувани и гранати и молотови коктели.
Строга реакција од институциите
Полскиот министер за правда, Валдемар Журек, порача дека надлежните служби нема да покажат апсолутно никаква толеранција кон фашизмот, омразата и планирањето крвави напади.
За време на сослушувањето, 17-годишникот не ги признал делата за кои е осомничен и го искористил своето право да не даде исказ. Судот му одреди тримесечен притвор поради опасност од попречување на истрагата и можност за извршување ново кривично дело.
Материјалите кои се однесуваат на уште две малолетни лица, кои се сомничат за соработка со него, веќе се предадени на надлежните семејни судови. Доколку биде прогласен за виновен пред суд, на осомничениот му се заканува затворска казна до 15 години.


