Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, успешно откри и спречи обид за шверц на 104 пакети цигари со вкупно 5.200 штеки цигари. Камионот кој бил пријавен како празен на излез од државата на граничен премин Ново село, е селектиран за детален царински преглед. Прегледот е извршен од инспектори од Одделението за оперативни работи кои имаат врвни откривачки оперативни капацитети. При деталниот преглед во полуприколката ладилник во предниот дел е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде се откриени цигарите. Преземени се истражни дејствија од инспекторите од Одделението за истраги и поднесена е кривична пријава против возачот, српски државјанин. За случајот вчера на гостување во главниот Дневник на МРТВ говореше директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.

„Една од клучните обврски, нотирани и со извештајот на ЕК, на што сме во целост посветени е борбата со царински измами и спречување обиди за шверц на тутун и тутунски производи“, вели тој.

Директорот во интервју за МРТВ потенцира дека годинава заклучно со 30 ноември, Царинската управа по основ на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10 % во однос на минатата година.

Во гостувањето директорот нагласи дека кумулативно, заклучно со 30 ноември, годинава се наплатени приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од лани истиот период, што претставува раст од 4,7 %. Раст е забележан по сите основи: приходите од наплата на царина со раст од 15,1 проценти, од ДДВ при увоз 3,2 % раст, од ДМВ од 10,9 % и од акциза 4,6 %.

Високата наплата на приходи беше истакната и од страна на ЕК во последниот извештај за напредокот на државата.

Exit mobile version