Спасовски: Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на сите  граѓани им посака среќна и бериќетна Нова година.

За претстојните празници, потсетува Спасовски, дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.

– Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто  ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера, вели во новогодишното обраќање Спасовски.

Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток, подвлекува министерот, притоа наведувајќи дека ова беше и година кога го положивме демократскиот испит за зрелоста со успешно организираните Локални избори 2021, поставувајќи ја нашата држава на едно ново, повисоко ниво.

– И политичката сцена имаше своја посебна динамика, која навестува  преобразби во годината што следи, како на национален, така и на меѓународен план, очекувања за зајакнати дијалози и желби за посилно темпо на реформи, стои во обраќањето на Спасовски.

 

30.12.2021 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега