Спасовски: Квалитетно оспособените кандидати – идни возачи се битна гаранција за уреден и безбеден сообраќај на нашите патишта

 

Министерството за внатрешни работи како носечка институција во делот на сообраќајот, во Националното здружение на автошколи и возачи инструктори Обука-Л Скопје препознава кредибилен и квалитетен партнер во заедничките општи напори и активности за воспоставување критериуми и норми што ќе бидат услов за безбедно и прописно одвивање на сообраќајот на патиштата низ државата, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на денеседница на Собранието на Националното здружение на авто-школи и возачи-инструктори ОБУКА-Л, а по повод јубилејот 30 години од неговото формирање.

-Денешниот настан – одбележувањето на тридецениското постоење и функционирање на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори Обука-Л Скопје, и во симболочен, но и во практичен, конкретен смисол го означува нашиот заеднички стремеж – институционален и вонинституционален – кон континуирано развивање и унапредување на сообраќајниот образовно-едукативен процес а, се разбира, во насока на континуирано унапредување на состојбите во сообраќајот, како во делот на познавањето и почитувањето на сообраќајните правила и прописи, така и генерално, во подигањето на севкупните сообраќајни стандарди, со примарен интерес во сферата на сообраќајната безбедност и култура, истакна Спасовски.
Како што соопшти МВР, министерот Спасовски се осврна на изминатиот период истакнувајќи дека МВР успеа во многу сегменти, динамично, стручно и драстично да го подигне нивото на сообраќајно знаење кај идните учесници во сообраќајот, не само преку градење законски измени и дополни во клучниот нормативен акт – Законот за безбедност во сообраќајот, туку и во низата не помалку важни подзаконски регулативи за операционализирање на законските цели, вклучително и во делот на што поквалитетна сообраќајна обука.

 
-Секако, а тоа во оваа прилика би сакал посебно да го нагласам, дека независно што интензивираните и континуирани контролно-превентивни активности на полицијата во делот на сообраќајот даваат одлични резултати, особено во намалувањето на сообраќајните несреќи, пред сѐ со тешки и фатални последици, пред нас сѐ уште има многу задачи и труд во сферата на сообраќајот, многу сегменти што треба заеднички да ги анализираме, унапредиме, подобриме, продолжувајќи на иновативен и креативен начин да создаваме амбиент за доследна примена и практикување на сообраќајните правила и прописи, рече министерот Спасовски подвлекувајќи дека добро, односно квалитетно оспособените кандидати – идни возачи се и тоа како битна гаранција за уреден и безбеден сообраќај на нашите патишта – што само по себе е наша заедничка цел.

Спасовски во свое име и во име на колегите од МВР уште еднаш го честиташе јубилејот 30 години од формирањето на Националното здружение на авто-школи и возачи-инструктори ОБУКА-Л, со уверување дека МВР останува максимално институционално отворено и крајно заинтересирано да продолжат заедничките активности во насока на воспоставување на современи, уште поквалитетни образовно-едукативни стандарди.

15.06.2022 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега