Анел Фидоски е новиот шеф на Основното јавно обвинителство Скопје. На денешната седница на Советот на јавните обвинители, Фидоски ја доби довербата на мнозинството членови, освојувајќи 7 гласа, со што го победи досегашниот шеф Гаврил Бубевски, кој доби 5 гласа.
Во трката за една од најмоќните позиции во правосудството учествуваа петмина кандидати. Покрај Фидоски и Бубевски, кандидати беа и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
Новиот шеф, Анел Фидоски, е познат во јавноста по застапувањето на предметите како „Тенковски делови“ и случајот „мала Тамара“. Тој сега ќе ја води најголемата јавна обвинителска институција во земјата. Досегашниот шеф, Гаврил Бубевски, кој е препознатлив по неговиот ангажман во поранешното СЈО и под чие раководство скопското обвинителство доби нови одделенија за сложен криминал, не успеа да обезбеди доволно гласови за втор мандат.

