Обилните врнежи од дожд што ја зафатија целата територија на Северна Македонија во изминатите денови, а сè уште не престануваат, предизвикаа значителен пораст на нивото на реките.

Според најновите податоци на Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на речиси сите поголеми водотеци е значително над просекот за февруари. На одделни мерни места е регистрирано зголемување и повеќе од четирикратно во однос на вообичаените вредности.

Најсериозна е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде што денес се измерени 196 сантиметри, споредено со февруарскиот просек од 49 сантиметри.

Покачено ниво бележи и најголемата македонска река Вардар. Кај Јегуновце утрово се измерени 220 сантиметри, што е два и пол пати повеќе од вообичаеното ниво за овој период од годината. Зголемено ниво на Вардар е регистрирано и кај Скопје, Велес и Демир Капија.

Според УХМР, пораст на нивото е забележан и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани.

Нивоата на Охридско Езеро, Преспанско Езеро и Дојранско Езеро се во рамките на февруарскиот просек.

Exit mobile version