Сојузот на средношколци: По првиот екстерен испит, институциите да ги прифатат барањата на ДИЦ

Денес, од 10 до 14 часот, 15.620 матуранти ширум целата држава го полагаа испитот по мајчин јазик од државната матура. Првиот екстерен испит е задолжителен за сите ученици.

Според информациите на Државниот испитен центар, околу 10.800 матуранти полагале Македонски јазик и литература, околу 4.400 Албански јазик и литература, а 357 кандидати полагале Турски јазик и литература.

Мнозинството од нив се од средното стручно образование, потоа следат гимназиите, а најмалку застапени се учениците од средното уметничко образование.

Според прелиминарните информации на Сојузот, полагањето на првиот екстерен испит поминало во најдобар можен ред и до Сојузот засега не се пристигнати жалби или поплаки по одржувањето на испитот.

„Сојузот на средношколци смета дека не смееме да ги заборавиме вработените во Државниот испитен центар бидејќи благодарение на нив државата успеа да го организира првиот екстерен испит од државната матура во предвидениот рок. Ставајќи го штрајкот во мирување, вработените во ДИЦ својот економски интерес го ставија под интересот на оваа генерација матуранти да полага државна матура во дадениот рок и да се здобие со навремени резултати, потребни за запишување на понатамошни студии.

Токму затоа, Сојузот упатува уште еден јавен апел до Министерството за финансии да ја испочитува доблесната одлука на овие 29 луѓе и да ги прифати нивните барања за изедначување на платите со зголемувањата на минималната плата.

Македонските матуранти веќе ја одбранија својата проектната задача, што значи дека им остануваат вториот екстерен испит, којшто е закажан за 10 јуни, и двата интерни испити, кои се полагаат во периодот од 12 до 30 јуни“, стои во соопштението на Сојузот на средношколци испратено до медиумите.

27.05.2023 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа