Собраниските активности закажани за утре нема да бидат одложени, и покрај најавениот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и нивната закана за блокада на влезовите во законодавниот дом. Ова го потврди претседателот на Собранието, Африм Гаши, по утринската координација.
Синдикалците најавија дека ќе ги блокираат влезовите со цел да ги спречат пратениците да дојдат на своите работни места и да наплатат патни трошоци, но Гаши побарал од координаторите на пратеничките групи да им укажат на пратениците дека мора да најдат начин да стигнат на работа. „Побарав да се најде начин да стигнат на своето работно место, но без притоа да биде нарушено уставното право на протест на работниците“, брифираат од кабинетот на Гаши.
За да се избегнат инциденти, направена е координација и со началници на МВР за безбедносна проценка на ситуацијата. Иако протестот е токму поради барањата за повисока минимална плата и кратење на функционерските плати, овие две законски решенија не биле тема на разговор на денешната координација. Гаши начелно дал поддршка за благосостојба на граѓаните, но оценил дека тоа е комплексно прашање поврзано со економската оправданост.

