Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денеска ќе одржат седници во Собранието, на чиј дневен ред е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.
Предложените измени имаат за цел да ги доуредат и прецизираат условите, начинот и постапката за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост.
Со законското решение се предвидуваат измени во одредбите што ги регулираат корисниците кои имаат право да го приватизираат земјиштето, постапката за приватизација на парцелите на кои се изградени објекти во етажна сопственост, како и случаите кога на исто земјиште постојат два или повеќе објекти во сопственост на различни лица.
Една од новините е можноста етажните сопственици да го приватизираат земјиштето под зградата, согласно податоците од јавната книга за запишување на правата на недвижностите, без обврска да доставуваат геодетски елаборат со нумерички податоци за формирање градежна парцела.
Дополнително, се прецизираат законските одредби за проширување на барањето и утврдување на површината на градежното земјиште опфатено со повеќе катастарски парцели што се предмет на приватизација.
Предлог-законот предвидува и повторно отворање на можноста за поднесување пријави до Агенцијата за катастар на недвижности за промена на правото на користење во право на сопственост на неизградено градежно земјиште за кое претходно не било поднесено барање за приватизација. Пријавите ќе може да се поднесуваат во рок од една година од влегувањето во сила на законот.
Воедно, се продолжува обврската на Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност да ги избрише запишаните права на користење на градежно земјиште, во рок од две години од стапувањето во сила на законските измени.
Со предложените измени се врши и усогласување на називот на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, како и усогласување со уставното име на државата.

