Денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и двајца онколози обвинети за несовесно лекување. Сослушани беа повеќе оштетени сведоци и законски застапници на починати пациенти.

Шестмина од сослушаните сведоци преднајавија оштетено побарување и се приклучија на кривичниот прогон.

Еден од сослушаните сведоци изнесе шокантно сведоштво за обезбедувањето терапија:

Сведокот изјави дека првично имале проблем да ја обезбедат потребната терапија, најпрво оделе во Турција, но подоцна морале да ја бараат на Клиниката.

Сведокот тврди дека морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата.

Лекот го добивале од фрижидер во кабинетот на Никола Васев, а потоа го давал на медицинска сестра за апликација.

Сведокот појасни дека влегувале во кабинетот на докторот, „се почастувале за кафе како што бил договорот“, а потоа го добивале лекот. Сведокот рече дека ги исфрлил документите, но верува дека постојат во досиејата.

Друг сведок изрази сомнеж за лекувањето на нејзината мајка, која била лекувана за бели дробови, а ѝ бил констатиран рак на бубрезите, велејќи дека терапијата била сомнителна и дека немало никакво подобрување.

Третиот сведок изјави дека давала средства на докторката Симонида Црвенкова „со срце и душа“, гледајќи спас во неа, но била изреволтирана од тоа што го дознала.

Обвинетата Симонида Црвенкова, со солзи, негираше дека некогаш побарала или добила средства за нејзината работа, изјавувајќи дека 30 години работи со оваа болест и го посветила животот на доброто на пациентите.

Exit mobile version