Со сослушување на тројца сведоци, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешниот медицински директор Нино Васев и економскиот директор Нехад Нухи. Обвинението ги товари за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година, со што буџетот бил оштетен за речиси 36 милиони евра.

Клучното сведочење го даде докторот Ненад Митревски, онколог на Клиниката, кој зборуваше за пациент што примал хемотерапија во комбинација со биолошка терапија.

Доктор Митревски нагласи дека стандардната доза на лекот бевацизумаб за таа индикација е 400 мг на три недели.

Кога му беше предочен документ со препишана доза од 1600 мг, сведокот одговори дека тоа е превисока доза за таа индикација.

Митревски негираше дека ја препишал таа доза, ниту дека бил известен за прешкртан препис во извештајот.

Одбраната на обвинетите, пак, констатираше дека дополнението во извештајот се однесува на препорака, а не на тоа дека била дадена таква доза.

Членката на Управниот одбор на Клиниката, Биљана Гроздановска, сведочеше за начинот на носење одлуки:

Објасни дека одлуките за набавка биле условени со претходна согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Потврди дека имало итни седници за кои документацијата не секогаш била доставувана во рокот од три дена, ниту пак во целост.

Таа изјави дека терапијата на реверс никогаш не била тема на седница на Управниот одбор, иако Васев во неколку наврати споменал дека нема намера да ја зема.

Гоце Кузев, син на пациент кој се лекувал на Онкологија, сведочеше дека терапијата за неговиот татко никогаш не била навремено достапна.

„Бидејќи никогаш ја немаше добиено навремено, бевме загрижени и молевме по луѓе… Ја даваше некогаш од клиничка аптека, некогаш ја повикуваше сестрата и ѝ ја даваше тој од канцеларијата негова па се симнувавме доле да ја аплицираме“, рече сведокот, посочувајќи на тогашниот директор.

Exit mobile version