„Управување во услови на неизвесност и градење отпорни јавни институции“ е темата на „CEF форумот 2026“, кој денеска ќе се одржи во Скопје со почеток во 14 часот.
Настанот е организиран од Министерството за финансии во соработка со Центарот за извонредност во финансиите (CEF), регионална институција која ги поддржува земјите од Југоисточна и Источна Европа во спроведувањето на реформи, јакнењето на јавните институции и унапредувањето на европската интеграција.
Форумот ќе го отворат министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, како домаќин на настанот, и директорката на CEF, Јана Репаншек.
Според Министерството за финансии, на форумот ќе учествуваат носители на политики и клучни одлучувачи од регионот и пошироко, меѓу кои министри, гувернери на централни банки, високи владини претставници и меѓународни експерти. Тие ќе дискутираат за предизвиците поврзани со управувањето во услови на неизвесност, институционалната отпорност и принципите на добро владеење.
Настанот претставува важна регионална платформа за размена на искуства и стратешки дијалог, со цел унапредување на јавните политики и зајакнување на капацитетите на јавните институции.
Пред официјалниот почеток на форумот ќе се одржи и Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board), на кој е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски.
Како што соопштуваат од владината прес – служба, средбата ќе се одржи во „DoubleTree by Hilton“ во Скопје, а по состанокот во 11 часот, предвидено е изјава за медиуми да даде премиерот.


