Гувернерот на Народната банка Трајко Славески учествува на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, во која членува и Северна Македонија. Средбата се одржува во Варна, Република Бугарија, под мотото „Претворање на неизвесноста во долгорочна можност“.
На состаноците главни теми се макроекономската и финансиската стабилност во услови на глобални неизвесности, дигиталната трансформација, продуктивноста, финансиската вклученост и улогата на европските економии во светските синџири на вредности.
Во рамки на настанот, Славески оствари билатерални средби со извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Јерун Клик, неговиот заменик Марникс ван Рај, како и со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, заедно со претставници на Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Мултилатералната агенција за гарантирање инвестиции (МИГА).
На средбите било истакнато дека зачувувањето на ценовната стабилност останува клучен предуслов за одржлив економски раст и финансиска стабилност, особено во период на геополитички ризици, неизвесност во глобалната економија и брзи технолошки промени.
Од Народната банка информираат дека Славески посочил оти институцијата внимателно ги следи економските движења во земјата и во странство и презема мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност, со цел зачувување на довербата во монетарниот систем.
На состаноците се разговарало и за состојбите во македонската и светската економија, отпорноста на финансискиот систем, влијанието на геополитичките случувања и значењето на дигитализацијата за економскиот раст и продуктивноста.
Потврдена била и соработката меѓу Народната банка, ММФ и Светската банка во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Во македонската делегација учествуваат и вицегувернерот Игор Величковски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.


