Православната црква денес го чествува споменот на Свети Кирил Александриски, кој по потекло бил благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот бил посветен за патријарх.
За време на својот живот тој водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија.
Новацијаните, кои настанаа во Рим по нивниот ересоначалник Новацијан, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил ги победи и ги протера нив и нивниот епископ од Александрија.
Борбата со Евреите во Александрија, каде што тие биле засилени уште од времето на Александар Велики, била потешка и покрвава поради нивната омраза кон христијаните. По долга и тешка борба, Кирил издејствувал кај царот Теодосиј Помладиот тие да бидат протерани од градот.
Неговата трета борба против Несториј, тогашниот патријарх Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со овој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин на негова молба, бидејќи тој поради старост не можеше да присуствува.
На соборот Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица).
Откако завршија овие судири, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово, а се престави кај Господа во 444 година. Според преданието, се вели дека токму тој ја составил познатата молитва „Богородице Дево, радувај се!“.


