Проектот „Градски воз“, кој треба значително да го растовари сообраќајот во Скопје, напредува побрзо од планираното. Ова беше констатирано на денешниот увид во градежните активности на кој присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и директорот на ЈП „МЖ Инфраструктура“ Синиша Ивановски.
Вицепремиерот Николоски соопшти дека првата линија, која ги поврзува Зелениково, Драчево, Кисела Вода и Новата железничка станица (Транспортен центар), ќе биде градежно завршена до јуни, а официјално пуштена за патници од 1 септември.
„ЈП Железници инфраструктура доста напредува со проектирањето на другите две линии и работата оди побрзо од што беше планирано и очекувано, што значи дека ќе го скратиме рокот на комплетно завршување на проектот Градски воз до крајот на 2027 година, кога ќе имаме три функционални линии“, изјави Николоски.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека овој проект е визија што се претвора во дело и дека ќе овозможи патување од Драчево до срцето на Скопје за само 11 минути. Тој појасни дека се работи за рехабилитација на 25 километри пруга, при што старите дрвени прагови се заменуваат со нови бетонски, со што се зголемува безбедноста и се враќа проектираната брзина на возовите.
„Со степен на реализација од околу 65%, овој проект веќе добива јасни контури на успех. Како Град Скопје, посветено сме вклучени за да создадеме интегриран транспортен систем. Преку синхронизација на возниот ред меѓу автобусите и возовите, граѓаните ќе добијат поврзан и непречен превоз низ целиот град“, истакна Ѓорѓиевски, упатувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за посветеноста на проектот.

Надлежните очекуваат Градскиот воз да донесе директни придобивки – побрзо движење, намален сообраќаен метеж и почист воздух за скопјани.

