Град Скопје и Фондацијата „Скопје ЕПК 2028“ официјално започнаа значајно стратешко партнерство со Францускиот институт, со цел да се отвори патот кон европската културна сцена и да се создадат нови можности за уметниците и младите.

Денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Фондацијата и Францускиот институт, под високо покровителство на Град Скопје, на настанот на кој присуствуваа амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, и директорот на Фондацијата „Скопје ЕПК 2028“, Марјан Цветковски.

Скопје има дух, има талент и има приказна што заслужува да ја види и слушне цела Европа. Наша обврска е да создадеме можности таа приказна да го добие своето вистинско место! – изјави Орце Ѓорѓиевски.

Партнерството овозможува заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти, како и развој на културните и креативните индустрии. Посебен фокус ќе биде ставен на соработката со францускиот град Бурж, со кој Скопје во 2028 година ја споделува титулата Европска престолнина на културата, како и на реализацијата на „Француска сезона во Скопје 2028“.

За мене, успехот на Скопје 2028 ќе се мери и со можностите што ќе ги создадеме за младите, со поддршката за нашите уметници и со културата што ќе стигне до секој граѓанин. Сакам оваа титула да остави трајна вредност во животот на нашиот град! – истакна Ѓорѓиевски, упатувајќи благодарност до амбасадорот Ле Риголер и сите партнери за поддршката.

Exit mobile version