Јавното признание од Федералното истражно биро (ФБИ) за резултатите на македонската полиција е потврда дека посветеноста, професионалноста и меѓународната соработка даваат конкретни резултати, објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Фејсбук.

Осврнувајќи се на успешното апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX, реализирано во соработка со ФБИ, Тошковски истакнува дека случајот ги потврдува оперативните капацитети на македонската полиција во борбата против транснационалниот сајбер-криминал.

– Успешното апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX, реализирано во соработка со ФБИ, покажува дека македонската полиција има оперативен капацитет да биде рамноправен и доверлив партнер во борбата против транснационалниот сајбер-криминал – наведува Тошковски.

Тој вели дека е горд за работата на полициските службеници кои учествувале во акцијата, нагласувајќи дека нивната стручност и посветеност се клучни за постигнатиот успех.

– Особено сум горд на нашите полициски службеници, чија стручност и посветеност стојат зад овој успех. Ова признание е за нив. А наша обврска е да продолжиме да ги зајакнуваме капацитетите на македонската полиција и да ја оправдуваме довербата на нашите меѓународни партнери – посочува Тошковски.

Exit mobile version