Владата побарала од сопствениците на „Окта“ да ја разгледаат можноста за повторно активирање на рафинеријата поради глобалните предизвици со снабдувањето со дизел, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој рече дека во моментов се врши дефектажа и дека наскоро очекува информација дали и во кој рок рафинеријата, која не работи од 2012 година, би можела повторно да биде пуштена во погон.

Според Мицкоски, продуктоводот е функционален, а „Окта“ е физички поврзана со пристаништето во Солун, што овозможува транспорт на сурова нафта и нејзина преработка во земјава.

„Очекувам многу скоро да добијам информација од раководството на ‘Окта’ дали, и за колку време, евентуално би можела рафинеријата да биде ставена во функција“, рече премиерот.

Мицкоски уверува дека нема опасност од недостиг на горива до крајот на годинава и дека не очекува застои во снабдувањето ниту во текот на следната година.

Exit mobile version