Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 49-годишен жител на Скопје, кој се сомничи за кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според официјалното соопштение, истрагата е отворена откако полициски службеници извршиле претрес во подрумска просторија во населбата Аеродром, која ја користел осомничениот. При претресот е откриено значително количество на различни видови наркотици.
„Пронајдени се вкупно 108,61 грама марихуана, 66,9 грама психотропна супстанца – амфетамин, како и синтетички опијат – метадон со вкупен волумен од 210,5 милилитри“, информираат од Обвинителството.
Покрај дрогата, инспекторите пронашле и парични средства за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на наркотици. Дека просторијата се користела за премерување и пакување на дрогата потврдува и пронаоѓањето на две дигитални ваги, на кои биле откриени траги од амфетамин, кокаин и марихуана.
Имајќи ги предвид тежината на делото и пронајдените докази кои укажуваат дека осомничениот би можел да продолжи со нелегалната трговија, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор. Како дополнителен основ за притворот се наведува и опасноста од бегство на осомничениот.


