Пратениците на денешната 98. седница, по скратена постапка, усвоија пакет законски измени. Меѓу најзначајните се измените во Законот за Владата, со кои по следните парламентарни избори официјално се укинува техничката влада, која беше воведена како механизам за фер избори во 2016 година.

Сериозна дебата предизвика Законот за минерални суровини, кој овозможува јавните претпријатија, со владина согласност, да добиваат концесии за геолошки истражувања. Опозицијата обвини за можни злоупотреби на поимот „јавен интерес“ на штета на сопственоста на граѓаните.

  • Со член 3 се отвора простор јавниот интерес да се користи како параван за олеснување на процеси што директно задираат во правото на сопственост на граѓаните. Експропријацијата треба да биде исклучок, а не административна алатка за олеснување на рударските интереси – истакна пратеничката Јованка Тренчевска.

Од владејачкото мнозинство ги отфрлија овие обвинувања. Пратеникот Бојан Стојаноски нагласи дека законот се однесува исклучиво на јавните претпријатија и на експлоатација на јаглен, со што се воведува дополнителна државна контрола.

Усвоени беа и измените на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, како и законите за јавните претпријатија и внатрешната пловидба. Седницата беше прекината пред расправата за Законот за пратениците, со кој се бара кандидатите да имаат исклучиво македонско државјанство.

Exit mobile version