Голем број клиенти на Националната трговска банка (БКТ) во Албанија станаа жртви на софистицирана кражба откако нивните банкарски картички биле мистериозно испразнети. Според истражувањето на весникот „Капитали“, регистрирани се случаи каде парите на граѓаните биле трошени за купувања во илјадници евра во Бугарија, Италија и други европски земји.

Банката официјално призна дека дошло до пропуст, објаснувајќи дека картичките биле клонирани преку банкомат во Тирана на кој сторителите инсталирале скриена камера. Иако БКТ тврди дека упадот траел само еден час и дека бројот на оштетени клиенти е мал, брзината со која се идентификувани голем број жртви укажува дека обемот на кражбата може да биде многу поголем.

Од банката најавуваат дека сите жртви на овој криминал ќе бидат целосно обесштетени. Сепак, овој инцидент го вклучи алармот за безбедноста во банкарскиот сектор во Албанија и потребата од поголеми инвестиции во сајбер заштитата.

Exit mobile version