Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Македонија во која порачува дека имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани.
Претседателката посочува дека пред 35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото на илинденците и асномците, создавајќи свој национален и заеднички граѓански дом без оглед на етничката и верската припадност. Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ја штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина – порачува Силјановска Давкова.
Иако е прогласена за навек, укажува таа, независната држава не е минато свршено, туку и сегашно трајно време. Таа започна со референдумската одлука како важна секојдневна, неуморна задача за секоја генерација да ја чува, гради и доградува.
– Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина. Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО армија која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери кои не поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство – вели претседателката Силјановска Давкова.
Таа потенцира дека во изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.
– Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж. Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите! Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина – се вели во честитката.
Според неа, време е за релативизирање на географијата и границите и за подлабоко поврзување со нашата дијаспора, за обединување на сите умни, креативни и храбри луѓе со македонско потекло во градењето на татковината како пристоен, достоинствен и просперитетен заеднички дом.
– Со особена гордост и радост Ви го честитам големиот празник 8 Септември, денот кога македонските граѓани, храбро и одговорно го исполнија аманетот на илинденците и асномците и демократски, на референдум, со огромно мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава, истакнува претседателката Гордана Силјановска Давкова во честитката.


