Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села.

Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од 15 претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП, невладиниот сектор и други државни и локални институции ги образложија причините за алармантното намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро. Врз основа на научни анализи и докази, како клучни фактори ги посочија климатските промени, намалените врнежи од дожд и снег, понирањето, како и прекумерното користење на водата за наводнување. 

Присутните на дебатата нагласија дека повлекувањето на Преспанското Езеро не е само национален, туку е и прекуграничен проблем.

Истакнувајќи дека Преспанскиот регион поседува беспрекорна убавина којашто внесува посебен мир, Сиљановска-Давкова рече дека сите имаме обврска да ја третираме природата како партнер, бидејќи штитејќи ја природата, се штитиме себеси.

„Верувам дека има решенија, само треба да се чујат. Верувам дека во еден инклузивен процес и сите кои одлучуваат мора да ги чујат мислењата и ставовите на овие квалификувани и заинтересирани луѓе коишто живеат овде и веруваат во иднината на овој регион. Сите треба да се впрегнеме за она што е остварливо, навистина да стане реалност, а не само посакувана цел“, додаде претседателката.

Exit mobile version