Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 35 години од донесувањето на Уставот се сретна со претставници на Македонското здружение на млади правници и правници избрани на конкурс, со кои разговараше за неговото донесување, слабостите и можностите за унапредување.
Сиљановска-Давкова, која во 1991 година била надворешна членка на Уставната комисија, оцени дека Уставот има значајни решенија, но посочи и проблеми со неговата структура, непрецизните одредби и неусогласената правна терминологија.
Според неа, земјата е меѓу рекордерите по бројот на уставни измени, од кои, како што наведе, дел биле наметнати однадвор. Таа забележа и дека преамбулата е менувана двапати, а нејасните формулации оставаат простор за различни толкувања.
Претседателката смета дека е потребно Уставната комисија, со вклучување надворешни експерти, постојано да го следи спроведувањето на Уставот и да предлага решенија за слабостите во уставно-правниот систем, вклучително и за односот меѓу македонското и европското право.
Од Македонското здружение на млади правници ја нагласиле важноста на уставниот патриотизам и едукацијата за Уставот како основа на правниот поредок, заштитата на човековите права и функционирањето на демократските институции.
Тие посочиле дека секоја постапка за уставни измени мора да ја почитува утврдената процедура, да биде отворена за експертската јавност и да обезбеди инклузивно одлучување, имајќи предвид дека суверенитетот произлегува од граѓаните.
Средбата е дел од серијата разговори што младите правници ги иницирале со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот.

