Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и Марјан Јованоски, секретар на Советот, чија активна работа од 2004 година резултираше со впишување на македонската заедница во Статутот на Автономната Покраина Војводина и воведување на македонскиот јазик во службена употреба во неколку населени места.
Соговорниците изразија загриженост заради алармантниот пад на бројот на македонско малцинство, од речиси 26 илјади во 2002-та година, на помалку од 15 илјади во 2022-ра година, како и намалувањето на говорителите на македонскиот јазик, од повеќе од 14 илјади на само 8375, во истиот период.
Според претставниците на Советот, со сличен демографски проблем, се соочуваат и другите малцинства, како последица на: засилената емиграција, намалениот наталитет и демографското стареење.
Тие ја информираа претседателката за донесувањето на новата Стратегија на Македонскиот национален совет 2026-2030, во којашто акцентот е ставен на образованието на македонски јазик и го поздравија донесувањето на владината Стратегија за дијаспората 2026-2030.
За претседателката, преку учењето, говорот и творењето на мајчин македонски јазик, не се пренесува само знаењето, туку се развива чувството на национална припадност и самосвест.
Истовремено, таа ја поздрави одлуката на покраинската влада на Војводина за издвојување средства за работата на Македонскиот национален совет.
Според претседателката, Македонците во Србија придонесуваат за добрите односи меѓу двете држави. Таа изрази поддршка на Свечена академија по повод 80-годишнината од организираното доселување на Македонците во Република Србија, како и откривањето на скулптурата „Мајка Македонија“ од македонскиот реномиран вајар Синиша Новески, во Нови Сад.

