Иницијативите за ограничување на можноста за користење вето во процесот на проширување на Европската Унија претставуваат позитивен исчекор, оцени претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, но нагласи дека е прерано за конечни оценки додека не бидат објавени официјалните документи. Таа смета дека пречките со кои се соочува Македонија на евроинтегративниот пат се „ирационални“ и повика фокусот да биде ставен на исполнување на копенхашките критериуми.

Одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на адвокатурата во Адвокатската комора, Сиљановска-Давкова рече дека како позитивен го гледа обидот за релативизирање на правото на вето во процесот на проширување.

„За мене што е добро, што за првпат се релативизира или има обид за релативизација на ветото. Многу пати сум рекла дека мене не ми е сосема јасно дека ветото е право на сите членки на Европската Унија, меѓутоа и чекорот од состојбата во којашто сме – кога 26 држави можат да речат дека е акцискиот план сосема во ред, дека има високи стандарди, има заштита на слободи и права, вклучувајќи ги и малцинските, и тоа го потврдуваат државите – и сега една вели „не““ – рече Сиљановска-Давкова.

Европската Унија, вели таа, треба да најде механизми што ќе спречат блокирање на проширувањето поради идентитетски и историски причини, наместо поради исполнување или неисполнување на европските критериуми. Во однос на напредокат на земјите кандидати, претседателката посочи дека Западен Балкан е значително понапред во процесот од некои други кандидати.

„Имам длабоки чувства и разбирање за Украина, исто така и за Молдавија, меѓутоа не можам, а да не кажам дека Западен Балкан е многу понапред од нив. Скринингот тоа го покажува… Пречката кон нас е ирационална според мене“ – рече Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за македонско-бугарските односи и изјавите на поранешниот член на Заедничката историска комисија, Огнен Вангелов, таа рече дека неговите оценки за улогата на протоколите во процесот се основани и произлегуваат од непосредното искуство во работата на Комисијата.

„Мислам дека она што го кажа професорот Вангелов е точно. Не само низ призма на правна анализа на Договорот, туку и низ призма на неговото конкретно искуство во работата на Комисијата“ – вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, потребни се дополнителни гаранции во процесот, имајќи предвид дека прашањата поврзани со протоколите редовно се отвораат во билатералните разговори. Во врска со експлозијата на возило на бугарската амбасада, претседателката ја осуди постапката, но повика да не се носат предвремени заклучоци пред завршување на постапката.

„За мене напад на возило е вандалски чин, но велам дека не можам однапред да пресудам. Судот ќе каже што се случило. Не би требало да ги наруши односите, а зошто? Бидејќи ми се чини дека побрза акција и реакција немало. Да почекаме што ќе каже судот“ – посочи Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на критиките од опозициската СДСМ во врска со нејзините ставови за уставните измени, претседателката рече дека не поддржува ничии барања, туку ги застапува сопствените ставови и смета дека земјата не треба да губи време на идентитетски прашања.

„Не треба да губиме време, не треба да ни го земаат времето на идентитетски проблеми, туку треба да нè остават да се фокусираме на копенхашките критериуми“ – подвлече Сиљановска-Давкова.

Exit mobile version