Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, до општинскиот Совет достави иницијатива за итно усвојување на предлог-одлуки кои имаат за цел значително зголемување на безбедноста на плажите.

Оваа институционална реакција доаѓа веднаш по вчерашниот трагичен случај во близина на „Машка плажа“ на Охридското Езеро, во кој живот го загуби 20-годишно момче.

Според градоначалникот, со носењето на оваа одлука директно би се намалила узурпацијата на плажите. Тој посочува дека лицата кои моментално стопанисуваат со нив, често не плаќаат соодветни надоместоци кон општината и воопшто не преземаат мерки за заштита и безбедност на посетителите.

Како една од клучните и итни точки во рамките на оваа иницијатива, првиот човек на Струга предвидува строги рестрикции за пловните објекти на самите капалишта.

„Предложив одлука со која ќе се забрани движење и паркирање на педалинките на плажите“, посочи градоначалникот.

Тој дополнително појаснува дека во моментов владее хаос со овие реквизити во езерото. Градоначалникот смета дека голем дел од овие педалинки се пуштаат нелегално, без да се издаваат фискални сметки за нив.

Постапката за иницијативата сега е во рацете на советниците во Општина Струга, кои треба да се изјаснат за новите безбедносни правила пред почетокот на шпицот на туристичката сезона.

Exit mobile version