Силјановска Давкова и Пендаровски влегуваат во вториот круг претседателски избори
Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата влегуваат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во земјата. Силјановска Давкова според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија од преброени гласови од 3.360 избирачки места односно 95,78 отсто од избирачките места освоила 349. 746 гласови - 40,23 проценти, додека Пендаровски 173,612 гласови односно 19, 97 проценти.
Трет по освоени гласови од седуммината кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 116. 319 гласови (13,38), потоа Арбен Таравари со 81. 671 (13,38), Максим Димитриевски од ЗНАМ со 76.894 (8,85) гласови, Билјана Ванковска со 39.660 (4,56) поддржана од Левица и со најмалку гласови е Стевчо Јакимовски од ГРОМ 7.898 гласови.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на последната прес-конференција синоќа пред полноќ истакна дека излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња.
Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале. Сите учесници биле достоинствени, немало проблеми.
Вториот круг се одржува на 8 мај, а за победа во него меѓу другото е потребен и цензус од 40 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа