Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, упати остра порака до Брисел и Киев, нагласувајќи дека Унгарија останува на својот цврст став против членството на Украина во Европската Унија. Според него, се додека владата на Виктор Орбан е на власт, Будимпешта нема да даде зелено светло за овој процес.
Сијарто тврди дека Брисел се обидува да изврши притисок врз унгарската влада бидејќи нејзиното вето ги охрабрува и другите земји-членки да го искажат своето незадоволство.
„Ако останеме на власт, нема да се согласиме на целосно бесмислени механизми за финансиска поддршка, ниту ќе дозволиме нашите пари да бидат однесени во Украина. Веруваме дека парите на Унгарците треба да останат во Унгарија. И тие исто така знаат дека, ако останеме, Украина нема да биде членка на ЕУ“, изјави Сијарто.
Тој појасни дека откако Унгарија ставила вето на 20-тиот пакет санкции против Русија, уште три европски држави веднаш признале дека не се согласуваат со тие мерки, но претходно молчеле поради создавање привид на единство во ЕУ.


