Голем шумски пожар ја зафати турската провинција Анталија, при што стотици жители беа принудени итно да ги напуштат своите домови. Огнената стихија избувна на 7 септември во областа Аксу, а под влијание на силниот ветер брзо се прошири и кон соседниот Кепез.

Според последните податоци на надлежните служби, две лица се хоспитализирани поради повреди на нозете, додека на уште шестмина им била укажана лекарска помош поради вдишување чад.

Поради непосредната опасност од пламенот, властите наредија итна евакуација на најмалку 254 домови. Според извештаите на турските медиуми, околу 720 лица се безбедно dislocirani од погодените подрачја.

Пожарот предизвика и сообраќаен колапс откако стигна во близина на патниот правец Анталија–Испарта, кој привремено беше затворен за сообраќај, а подоцна повторно отворен под строги и контролирани услови.

Покрај тоа, повеќе од 2.000 домаќинства останаа без електрична енергија додека противпожарните екипи водеа битка за локализирање на пламенот.

Спасувачка акција беше спроведена и во засолниште за животни во Аксу, каде од густиот чад и огнот беа спасени повеќе од 100 кучиња, од кои на дел веднаш им беше дадена ветеринарна помош.

Во замашниот зафат за справување со огнот се ангажирани над 110 противпожарни возила, најмалку пет авиони, повеќе од 10 хеликоптери и стотици спасувачи и противпожарни припадници.

И покрај тоа што силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето, оперативните служби продолжуваат со интензивните активности на терен за целосно ставање на пожарот под контрола.

Exit mobile version