Шпанија донесе одлука со која воведува забрана за транзит на американски авиони и бродови што превезуваат оружје, муниција или воена опрема за Израел преку воените бази во Рота (Кадис) и Морон де ла Фронтера (Севиља), пренесуваат шпанските медиуми.
Овој потег доаѓа откако Мадрид претходно воведе ембарго за директна испорака на оружје кон Израел. Новата мерка ќе влијае на сите транспорти, без разлика дали одат директно или преку посредни локации.
Иако Шпанија не врши инспекции на американските авиони и бродови, извори објаснуваат дека сојузништвото со Вашингтон се темели на меѓусебна доверба. Сепак, официјален Мадрид останува цврст во ставот против воената поддршка на Израел поради ситуацијата во појасот Газа.
Владата на Шпанија претходно усвои уредба со која официјално се забранува испорака на оружје кон Израел, како дел од нејзината политика за заострување на односите со Тел Авив.