Шилегов: Измените на Законот за пожарникарство треба да стапат во сила во јуни 2021, дотогаш нудиме медијација

Измените на Законот за пожарникарство, со кој дел од барањата на пожарникарите ќе добијат законски основ, треба да стапат во  сила во јуни 2021 година и дотогаш Градот нуди преку процес на медијација, да се забрза процесот и пожарникарите да ги добијат надоместоците, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов, по средбата со пожарникарите во дворот на Станицата на противпожарната бригада во Автокоманда.

Проблемот со начинот на исплата на платата на пожарникарите, посочи тој, е стар повеќе од 15 години и не станува збор за недостаток на волја, туку за недостаток на законски основ да може да се исплаќа платата, така, како што ја бараат пожарникарите.

– Се вршат измени во Законот за пожарникарство, што треба да стапат во сила во јуни 2021 година од кога дел од барањата на пожарникарите ќе добијат законски основ. Во меѓувреме, секој од пожарникарите во своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно градот им ја врши исплатата. Со цел да помогнеме да го забрзаат тој процес и да има законска основ да им ги исплаќаме ние нудиме во тој процес да влезе и медијација, со цел некаде до јуни 2021 година кога ќе стапи во сила законот, дотогаш да не бидат пожарникарите оштетени, појасни Шилегов.

Првото на медијација, посочи тој, е индивидуално право и не е задолжително, и во таа постапка, што треба да се реши за 30 дена откак ќе биде покрената, ќе треба да се види дали ќе се договориме како Град и пожарникари за висината на средствата.

Градот, нагласи тој, не е институција што носи закони и законската група во рамки на министерствата за одбрана, за финансии, за локална самоуправа и ЗЕЛС веќе го работи законскиот текст.

Прашан зошто се меша политика, Шилегов рече, дека да не беше градот активен за решавање на проблемот, тогаш би имало основ за ваков револт, но дека може да не се помисли дека станува збор за политика кога еден од иницијаторите на ова што се случува е советник на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако сте на моја позиција и сте единствен, кој што, реално го работи овој проблем во неговата суштина. Ако го имате лоцирано проблеми и ги преземата сите дејствија и со цел да им излезете во пресрет на луѓето им нудите можност да не влезат во трошоци и почнува проблемот да се решава, а од друга страна имате заменик градоначалник на општина Сопиште, советник на ВМРО-ДПМНЕ, еден од иницијаторите на ова што се случува сега не може да не помислите за момент дека политиката ги има вмешано прстите, изјави Шилегов.

По средбата, еден од членовите на иницијативниот одбор Дејан Исаевски, рече дека не се задоволни од денешната средба со градоначалникот и најавија дека продолжуваат со протест пред Град Скопје. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.10.2020 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа