Бугарските погранични и ветеринарни служби се соочуваат со необичен случај откако шест волови ја преминаа државната граница од Македонија во близина на ќустендилското село Ѓуешево. Животните во моментов се заловени и сместени во привремен објект на општината, додека надлежните комисија не донесат одлука за нивната понатамошна судбина.
Животните прва ги забележала градоначалничката на селото Ѓуешево, Татјана Георгиева, која веднаш го пријавила случајот во Општината. По нивното заловување, вклучени се Регионалната комисија за контрола на храната, како и граничните и општинските власти за да го решат проблемот согласно прописите.
Како што јавува „БНР.бг“, случајот потсетува на познатата крава Пенка, која пред неколку години влезе во Бугарија од Србија. Иако според европските регулативи животните кои влегуваат од земји надвор од ЕУ треба да бидат усмртени, Пенка тогаш стана меѓународен симбол и по долги дебати беше поштедена, по што нејзиниот сопственик продолжи да се грижи за неа.


