Најмалку шест француски војници се ранети во напад со беспилотно летало врз база во близина на Махмур во северен Ирак, каде што се стационирани сили на меѓународната коалиција, објави денес гувернерот на Ербил, главниот град на регионот Курдистан, Омед Хошнау.
Хошнау, како што објави ирачкиот весник „Новиот регион“, изјави дека во инцидентот нема повредени членови на воените сили на регионот Курдистан и дека во нападот биле употребени два беспилотни летала.
„Ова е акција на терористичките милиции во Ирак и повторуваме дека ирачката влада не го сфаќа ова сериозно. Ако овие групи одметници се дел од ирачката влада, тогаш таа носи одговорност. Ако не се, тогаш е должност на нивните безбедносни структури да ги стават под контрола“, рече Хошнау.
Иран и проиранските милиции во Ирак постојано ги напаѓаат базите каде што се распоредени силите на Глобалната коалиција предводени од САД од почетокот на американско-израелската војна против Иран.

