Политичките лидери во Велика Британија наскоро ќе започнат отворен разговор со граѓаните за потребите од сериозни подготовки за војна и неопходноста секој поединец да преземе дел од одговорноста, најави началникот на Генералштабот на британската армија, генералот Сер Роли Вокер.
Обраќајќи им се на околу 700 војници во воената база Катерик Гарисон во Северен Јоркшир, генералот истакна дека земјата се соочува со времиња кога колективната одбрана станува врвен приоритет.
– На нашата земја ќе ѝ биде потребна вашата помош. Имаше време кога нашата земја не сакаше ни да помисли на можноста нејзините војници да мора да учествуваат во војна. Наскоро политичките лидери ќе почнат отворен разговор со граѓаните за тоа што се случува и каде лежат ризиците, порача генералот Вокер.
Според него, граѓаните ќе бидат повикани да се согласат на одредени жртви и да дадат приоритет на одбраната и безбедноста. Ова се надоврзува на плановите за национална дебата за одбраната и кампањите кои имаат за цел да ги подготват домаќинствата за разни кризи – од временски непогоди до вооружени конфликти.


