Семејниот одмор на семејството Јамник од Словенија се претвори во незамислива трагедија. Додека Петра Јамник Коболт подготвувала вечера во апартман во Италија, дошло до силна експлозија, а потоа и пожар, од чии последици по неколку дена таа и нејзиниот сопруг Изидор починаа од изгореници, а сега на повредите им подлегна и нивната 10-годишна ќерка Ема.
Семејството од местото Котље тргнало на одмор во Калабрија на пат долг околу 1.500 километри. Во вторникот, на 25 август, околу 20:30 часот, се наоѓале во туристички апартман во местото Милето, каде што се подготвувале за вечера кога одекнала силна експлозија. Просторијата ја зафатил пламен, а се создал и густ чад. Според првичните информации, веројатна причина било истекување на гас, пишуваат „Словенске новице“.
Сите тројца членови на семејството претрпеле исклучително тешки изгореници. На помош им притекнале двајца карабиниери кои биле сместени во истиот објект. Им помогнале да излезат од запалениот апартман до базенот, а потоа со хеликоптери биле префрлени во специјализирани болници за лекување тешки изгореници.
Изидор бил префрлен во Палермо, но на 27 август починал од здобиените повреди. Неговата сопруга Петра, која здобила изгореници од втор и трет степен на околу 90 проценти од површината на телото, починала неколку дена подоцна. Ема цело време била хоспитализирана во Бари, каде што лекарите се бореа за нејзиниот живот.
По Изидор Јамник и неговата сопруга Петра, се изгасна и животот на нивната ќерка Ема. Веста ја соопшти општината Равне на Корошка, каде што сите се потресени од загубата на целото семејство.
Равне на Корошка тагува за целото семејство, а општината прогласи тридневна жалост. Општината ги повика граѓаните, јавните установи, здруженијата и сите други организации да се придружат во искажувањето почит кон семејството.
„Во знак на почит кон трагично починатите и непоколеблива солидарност со семејството Јамник-Коболт, во општината Равне на Корошка е прогласена тридневна жалост заклучно со петок, 4 септември 2026 година“, се наведува во соопштението.
Повод оваа трагедија, локалниот Каритас отвори наменска сметка на која се собираат средства за помош и покривање на трошоците поврзани со трагичната несреќа.
Истрагата за овој настан сè уште трае, објектот е запечатен од истражителите, а обвинителството покрена кривична истрага.

