Села ги демантира шпекулациите: Лага е дека пратеници од Европскиот фронт ќе одат кај ВЛЕН
Најавите дека пратеници од Европскиот фронт ќе прејдат во ВЛЕН или во владиното мнозинство се една голема лага. Тоа е специјален начин на службите да се направи раздор во една група и на таков начин да се постигне целта. Такво нешто нема, изјави денеска Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
Тој истакна дека од изјавата дека пратеници од Европскиот фронт ќе прејдат во владиното мнозинство или ВЛЕН е помината една седница, и како што рече, за среќа, ништо не се случило.
-Ние многу често се соочуваме со вакви тврдења. И минатиот мандат имаше најави дека ќе си заминат овие или оние пратеници, но не се случи. Мислам дека тоа се специјални начини на делување од страна на службите и имаат за цел да градат недоверба меѓу партнери, коалициски партнери и тоа е најдобриот начин потоа да се направи раздор во групата и да се постигне целта, рече Села на прес-конференција во Собранието во одговор на новинарско прашање.
Мислам дека таква ситуација во Европскиот фронт немаме, рече, додавајќи дека зборувам за пратениците на АА. притоа нагласи дека тој лично средби во оваа насока немал.
-Мислам дека ова е голема лага и пропаганда која се развива во општеството. Наместо тоа треба да се градат стандарди, кои треба да бидат вистината, а не лагата. Политичарите кои треба да се поддржат се оние кои зборот даден во јавноста го почитуваат, и тоа не само дадениот збор политичар кон политичар кога се прави договор, туку и зборот кон граѓаните кои врз основа на тој даден збор дале глас што за мене е светост, рече Села.
Тој истакна дека не може да даде одговор дали би прифатил Таравари да се приклучи кон Европскиот фронт, бидејќи, според него тој прво треба да го каже ставот околу тоа прашање.
На прес-конференцијата тој се осврна на проблемот со изградбата на училиште во село Нерово.
-Како пратеник бев и видов, 150 деца ученици учат во само две паралелки. Старото школо го прилагодувале за да се одвива процес на образование, но немало санитарни јазли и вода, а имало можност за епидемии. По долги барања на граѓаните да се изгради школо, кое било најавено и ветено уште во 2006 година, по дваесет години ништо не било направено и затоа сами почнале со хуманитарна акција за да изградат школо, рече Села.
Апелира до Владата и до премиерот Христијан Мицкоски да се одговори на барањето за преиначување на сопственоста на земјиштето под училиштето и да се префрли на општина Крушево за да продолжи постапката и тоа да се легализира. Побара сите натамошни трошоци за завршување на работите за изградба да ги преземат МОН и Општина Крушево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа