Општина Ѓорче Петров обезбеди просторни и технички услови за реализирање на наставата во Основното училиште со ресурсен центар „д-р Златан Сремец“, кој функционира во рамки на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, соопштуваат од локалната самоуправа.
Според Општината, ова е една од првите вакви практики на локално ниво во Република Северна Македонија, со која се подобруваат условите за инклузивно образование и се овозможува соодветна поддршка за учениците со попреченост.
Градоначалникот Александар Стојкоски нагласил дека иницијативата покажува дека инклузијата не треба да остане само декларативна, туку да се преточи во конкретни услови и поддршка на терен.
„Создаваме средина во која секое дете има еднаква шанса за развој и пристап до образование, без разлика на предизвиците со кои се соочува“, посочил Стојкоски.
Соработката меѓу Општината и ОУРЦ „д-р Златан Сремец“ е формализирана со меморандум потпишан во 2024 година, со кој се воспоставува континуирано партнерство за обезбедување стручна и институционална поддршка.
Од Општината најавуваат дека ќе продолжат со активности за унапредување на инклузивните политики и создавање услови за квалитетно образование за сите ученици.

