Состојбата е стабилна и безбедна според податоците од агенциите за разузнавање и национална безбедност, како и од министерствата за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, во координација со Генералштабот на Армијата, изјави претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по завршувањето на седницата на Советот за безбедност во Вила Водно, свикана поради влошената состојба на Блискиот Исток.
– Во моментов нема нестабилност ниту закани по безбедноста во земјата или во регионот. Постојниот систем за рано предупредување обезбедува координација меѓу сите надлежни органи и е многу важен за следење на воените состојби. Институциите ги следат, анализираат и координираат состојбите, и затоа оценката за стабилност и безбедност е релевантна, истакна претседателката.
Таа посочи дека редовно се вршат проценки на ризиците и дека сите присутни на седницата, која траеше повеќе од два часа, се обврзале тоа да продолжат да го прават. – Ние сме во координација и со органите во регионот. Иако НАТО уште нема одржано посебна седница за ова прашање, Советот за безбедност заседаваше и регионалните информации ќе бидат споделени. Седницата беше долга поради темелноста на анализите и информациите. Во вакви ситуации се разгледува влијанието не само на безбедноста, туку и на економијата, енергетиката и слично. Надлежните потврдија дека нема проблем со енергетската инфраструктура – интерконекторот со Грција е во функција, а законот обезбедува нафта за 40 до 90 дена, што е исполнето. Имам цврсто уверување, документирано со податоци, дека во моментов нема причина за загриженост, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката информира дека седиштето на Еврејската заедница и Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје се под контрола и заштита, поради можните закани кон синагогите и други еврејски објекти. – Сè е следено и под заштита, што значи дека нема причина за изненадување, додаде таа.
Советот за безбедност заседаваше во комплетен состав, а министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој се наоѓа во Соединетите Американски Држави, учествуваше преку видеоврска и ги достави информациите за растечкиот број македонски државјани во регионот на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи е испратена порака до граѓаните да се обратат до ДКП-ата и да се регистрираат за евентуална евакуација.
– Најважно е дека формираниот Кризен центар при Министерството за надворешни работи е во постојан контакт со граѓаните. Луѓето се загрижени поради затвореното небо за прелети, а во некои држави, како Катар, можноста за транспорт со брод не функционираше. Сепак, граѓаните се згрижени, безбедни и во постојан контакт со Министерството, кое работи да најде најбрз и најбезбеден начин за нивно враќање, заклучи претседателката.

