Македонија сè уште нема ги усвоено потребните уставни измени со кои треба да се вклучат Бугарите во Уставот, како што беше предвидено во Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија.

Во документот, во кој имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ), се потсетува дека земјата се обврзала да ги започне и постигне уставните измени, но процесот сè уште не е финализиран.

„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на Европската комисија.

Во извештајот, Европската комисија оценува дека Црна Гора останува најнапредна земја кандидат во процесот на пристапување кон ЕУ, бидејќи ги има отворено сите 33 поглавја од преговорите и досега затворила седум. Преговорите на Црна Гора со Унијата започнаа пред 13 години.

Извештајот на Европската комисија ќе биде официјално презентиран попладневво, а се очекува да биде основа за нови препораки до земјите кандидати, меѓу кои и Македонија, во однос на реформите потребни за приближување кон членството во Европската унија.

Exit mobile version