Неколку лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово во белгискиот град Бугенхаут, лоциран помеѓу Антверпен и Брисел, каде што се судрија воз и школски автобус.
Како што известуваат белгиските медиуми, возот во моментот на ударот се наоѓал на околу еден километар од железничката станица и веќе започнал да сопира.
Несреќата се случила во 8:08 часот наутро, кога школскиот автобус влегол на железничкиот премин.
„Снимките од надзорните камери покажуваат дека портите биле затворени, а семафорот бил црвен. Не знаеме како можела да се случи несреќата“, се вели во соопштението.
Точниот број на загинати и повредени лица во моментов сè уште не е прецизиран од страна на надлежните власти.
По несреќата, околу 100 патници кои се наоѓале во возот биле веднаш евакуирани и на истите им била укажана соодветна медицинска помош. Во школскиот автобус во моментот на судирот имало седум деца и еден возрасен.
Истрагата за утврдување на сите причини за оваа голема трагедија е во тек.


